Пелистер се врти кон мечевите од Европската лига. По поразот од Архус на гостински терен, битолчани ќе имаат одлична шанса да дојдат до третата победа оваа сезона. Во Битола гостува Агуаш Санташ, тим против кого македонскиот вицепрвак славеше на првата средба.
Предводникот на Пелистер, Ларс Валтер нема да смета на Суси, но затоа пак се радува на настапаот на Каспер Кисум, последното засилување. Иако сме среде сезона, тој и неговите момци и натаму го бараат вистинскиот ритам. Утре очекува сличен меч, секако со среќен крај за Пелистер.
„Како што реков претходно, напорно работиме да го пронајдеме вистинскиот ритам. Мислам дека ја подобривме одбраната и подобри сме и во нападот. Верувам дека утревечер по натпреварот ќе можам да кажам дека сме на вистински пат.
Суси напорно работи, но веројатно нема да игра утревечер. Велковски со крупни чекори напредува, од ден на ден е подобар и блиску е до комплетно враќање. Подготвен е да ни помогне и среќен сум за неговиот напредок. Каспер Кисум е добар играч, но му треба малку време да се навикне на нашиот систем. Треба да му олесниме да се прилагоди. Се работи за одличен играч и многу ќе ни помогне во текот на сезоната.
Ако го гледавте натпреварот Агуаш Санташ – Бидасоа Ирун, сигурно забележавте дека Шпанците имаа проблеми, бидејќи доцна им се приклучија многу репрезентативци по Светското првенство. Сличен случај како нашиот. Го губите ритамот во такви случаи и Бидасоа не можеше да влезе во ритам и изгледаа по малку загубено. Агуаш Санташ е истата екипа, може да очекуваме сличен натпревар како во Португалија. Се работи за брза екипа, која се познава меѓусебе и нема да биде лесно против нив. Сепак, убеден сум дека сме подготвени“, изјави Ларс Валтер.