Горан Пандев, еден од двајцата наши најдобри фудбалери во историјата, заедно со Дарко Панчев, деновиве престојуваше во Белград. Медиумите во Србија го искористија тој момент и направија повеќе интервјуа со Гранде Пандев, а се издвојува она на “Моцартспорт“ по својата големина, тоа мега – интервју, во кое некогашниот капитен на нашата А-репрезентација раскажува за своите почетоци, за својата клупска кариера, за мак – фудбалот, секако и за репрезентацијата, за фудбалската пензија, за тоа што сега работи.
Сето тоа е добро познато на нашата јавност, па затоа го издвојуваме делот каде што кажува за тоа како се чувствувал кога репрезентацијата губела од една Андора.
“Имаше периоди во кои се случуваше да прескокнам некои квалификации на нашата репрезентација. Сепак кога ќе го облечеш дресот на својата репрезентација, сето тоа е нешто поинаку. Имаше и кризи, порази. Посебно несфатливо ми беше како тоа да одиграме 2:2 против една супер силна Холандија, за да потоа губиме од Андора. Ми беше срам да се вратам во Лацио по таквите порази од тие аматери. Ми беше навистина непријатно, не можев да се `составам` што се вели. Тренерот Делио Роси ме прашува што ми е, а потоа ми дава совет да одам да играм за Македонија дека и онака сме биле петти во групата. Потоа беше полесно, бев лидер на навистина една одлична генерација, најдобра во мак-фудбалот. Секако за пласманот на ЕВРО 2020 ни помогна тоа што УЕФА ни го олесни патот преку Лига Нации“ посочи Пандев покрај другото за “Моцартспорт“.