Куп на Македонија (жени): Сите четири екипи најавуваат неизвесна битка за трофејот!

86

Баксет Кам е бранител на трофејот во Купот на Македонија во женска конкуренција, а на патот до нова радост стои токму противникот од минатогодишното финале, Бадел 1862.

Капитенот на Бадел 1862 Сандра Лазаревска има свои очекувања во полуфиналниот дуел со Баскет Кам 2011, кој ќе стартува од 12.часот

„Сакам да им посакам успешни натпревари на сите кои се пласирани тука. Сите имаме иста цел, нè очекуваат неизвесни дуели затоа што оваа година сите екипи имаат можност да победат секого, така што се надевам на еден успешен исход за нас. Секоја екипа на турнирот има квалитетни играчи, но ние целиме кон победа“, изјави Лазаревска.

Кошаркарките на Баскет Кам 2011 се мотивирани, целта е јасна – освојување на нов трофеј.

„За нас како екипа можам да кажам дека сме мотивирани да го освоиме Купот. Но се разбира, сите екипи се тука заслужено и имаат иста цел. Па, нека победи подобриот“ – кажа нашата репрезентативка, Катерина Поп-Димитровска.

Во вториот полуфинален натпревар (14.30 часот), ќе се сретнат екипите на Вардар и на МЗТ Скопје Аеродром.

Предводнкот на „вардарки“ Симона Деловска констатира една доста важна работа.

„Годинава нема непоразени екипи во Првата лига и се надевам на интересни натпревари. Верувам дека сите ќе го дадат максимумот и дека ќе победи навистина најдобрата екипа. Иако се соочуваме со проблеми, како здравствени, така и со повреди, најважно ни е да имаме мотив пред овие натпревари и верувам дека на крајот ќе ги оствариме целите“.

На другата страна од теренот, за прв пат во една ваква „улога“, ќе биде екипата на МЗТ Скопје Аеродром.

Првиот тренер на девојките од Аеродром, Вела Красниќ, ги изрази своите  очекувања во пресрет на почетокот на турнирот во СРЦ „Кале“…

„Женскиот кошаркарски клуб МЗТ првпат е дел од оваа завршница и за нас самиот пласман и учеството тука е успех. Досегашните натпревари покажаа дека екипите се изедначени по себе по квалитет и знам дека неизвесноста ќе биде присутна во сите натпревари. Се надевам дека мојата екипа ќе покаже добра кошарка и со тоа ќе го оправда присуството на овој Куп“.

ПретходноОфицијално: Рубен Бараха на клупата на Валенсија!
СледноРуски и Украински фудбалери се тепале во хотел во Анталија!(ВИДЕО)