Куп на Македонија: Николиќ внимателен, Феникс најави атак на трофејот!

157

Во машка конкуренција Купот на Македонија стартува на 16. овој месец за кога се закажани четвртфиналните пресметки, а први на теренот во СРЦ „Кале“ ќе истрчаат МЗТ Скопје и Кожув.

Од таборот на актуелниот македонски првак се амбициозни, но и внимателни, пехарот во Купот најтешко се освојува.

„Задоволство ми е што повторно сум дел од вакво натпреварување кое е доста специфично, во кое можеш во четврток да дојдеш со едно очекување, внимание и желба, а во сабота да завршиш со друга реалност, или да го освоиш првиот пехар. Нашите амбиции се да ги освоиме пехарите, но во Купот има три ‘лизгачки скалила’ и мора да бидеме внимателни“, изјави Драган Николиќ тренер на МЗТ Скопје.

На другата страна од теренот ќе биде Александар Јончевски, актуелен селектор на нашата сениорска репрезентација, и шеф на стручниот штаб на екипата од Гевгелија.

„После одредена пауза Кожув повторно е на мапата на завршниот турнир во Купот. Со задоволство го исчекуваме натпреварот, играме против фаворитот МЗТ, проект кој е создаден да игра успешно во АБА. Не треба многу да се говори за квалитетот за противникот, ние имавме квалитетни натпревари на домашната сцена во лигата, и се надевам дека ќе ја повториме играта. Само така може да се надеваме на позитивен исход. Исто така, целиот турнир сакам да биде добар, па им посакувам добра игра и многу среќа на сите учесници“.

Во втората четвртфинална двојка силите ќе ги одмерат Гостивар и Феникс 2010, Нова интересна пресметка.

„Ние како клуб, како Гостивар, одиме чекор по чекор. Првата пречка е Феникс 2010, екипа од која доживеавме тежок пораз. Ги анализиравме добро, и ако нашите играчи дадат 100% во напад и одбрана имаме добри шанси да ја вратиме нашата екипа на победнички патеки и да дојдеме до полуфинале“, изјави Љупчо Малинков.

Феникс, иако по вторпат игра на ова натпреварување, најави атак на трофејот.

„Ние сме втора година на овој настан. Минатата година бевме дебитанти и загубивме во полуфиналето од МЗТ Скопје. Оваа година сме дојдени тука да играме финале, нема да се предадеме против никого. Се игра еден меч, мора да сме внимателни и се надеваме дека ќе ги оствариме целите“, изјави Денис Дервишевиќ.

ПретходноРуски и Украински фудбалери се тепале во хотел во Анталија!(ВИДЕО)
СледноТФТ го брани Куп трофејот: Важен ни е првиот дуел, а потоа ќе нè носи адреналинот!