Пешевски: Денеска е денот Д! Треба да покажеме дека заслужуваме да го носиме овој дрес!

124

Е.Пелистер е пред еден од важните дуели во Европската лига. Вечерва (20:45 часот) во Битола гостува еден од двата тима против кого македонскиот вицепрвак запиша победа во првиот дел, Агуаш Санташ.

Со нов триумф над португалскиот состав, ракометарите на Пелистер ќе успеат да заверат место во следната рунда. Битолскиот тим овој пат е во голема предност, игра пред своите фанови, па полните трибини треба да им го отвори патот кон третиот триумф.

„По подолго време се враќаме во нашиот спортски храм. Имавме тешки натпревати во гости, блиску бевме до подвиг на дел од тие натпревари, но малку и среќата ни го сврте грбот. Без среќа во спортот не може и треба овие натпревари да ни бидат поука како да се подобриме.

Агуаш Санташ ме изненади со победата против Бидасоа Ирун, но оваа екипа има квалитет и игра подобро отколку во првиот дел на сезоната. Во Португалија по макотрпна борба ги освоивме бодовите. Спремни сме и, со поддршка од битолската публика, верувам дека ќе се радуваме. Влегуваме во најважната фаза на сезоната, немаме веќе право на лош ден. Дојдовме тука да покажеме дека заслужуваме да го носиме овој дрес и да гинеме на сите фронтови.

Денеска е денот Д и со евентуална победа ќе го осигураме местото во Европската лига. Покажавме и против Бутел дека оваа екипа има карактер, дека не играат само имиња. За добар натпревар мора да играш тимски за да дојдеш до бодовите. Ќе биде интересен пролетен дел од сезоната и ќе го покажеме вистинското лице“, изјави Жарко Пешевски. 

Пелистер се наоѓа на четвртото место на табелата во групата Д со скор од две победи, реми и четири порази, има пет бода, два помалку од третопласираниот Ирун. Лидер е Фуксе Берлин кој има максимален скор, седум победи во исто толку одиграни мечеви.

ПретходноГоран Пандев за “Моцартспорт“: Кога губевме од Андора ми беше срам да се вратам во Лацио!
СледноЛШ-1/8 финале: Мега – спектакл во Париз, Тотенхем гостува на “Сан Сиро“!