Кошаркарите на Денвер го добија „балканското дерби“ синоќа против екипата на Далас со 118:109 и со тоа ја постигнаа третата последователна победа во НБА лигата. Денвер дојде до клучна предност во втората четвртина која ја реши во своја полза со резултат 35:19.
Сезонски рекорд во дресот на Денвер постигна Џеф Грин со 24 поени, а повторно на висина на задачата беше српскиот центар Никола Јокиќ, кој го забележа 21-от трипл-дабл сезонава со 14 поени, 13 скока и 10 асистенции.
За Далас поради повреда на грбот не настапи Кајри Ирвинг, па цел товар падна на словенечкиот кошаркар Лука Дончиќ кој заврши со 37 поени, девет асистенции и четири скока.
Њујорк дојде до третата последователна победа совладувајќи ја Атланта на гости со 122:101 во меч во кој Џејлен Бренсон ги предводеше гостите до победата со 28 поени.
Бруклин на домашен терен го победи Мајами со 116:105, со рекорд во кариерата на Мајкл Бриџис (45 поени), додека Бостон славеше дома против Детроит со 127:109, со 38 поени на Тејтум.
НБА РЕЗУЛТАТИ:
Шарлот – Сан Антонио 120-110
Индијана – Чикаго 117-113
Атланта – Њујорк – 101-122
Бостон – Детроит 127-109
Бруклин – Мајами 116-105
Филаделфија – Кливленд 118-112
Мемфис – Јута 117-111
Оклахома – Хјустон 133-96
Денвер – Далас 118-109
ЛА Лејкерс – Њу Орлеанс 120-102