Во недела стартува пролетниот дел од сезоната 2022/23 во ПМФЛ. Есенскиот првак Струга ТЛ е во мала предност во однос на битката за титулата, затоа што има три бода повеќе од вториот Шкупи, но и меч повеќе. Секако дека тука е и Шкендија, која не смее да се заборави.
Бесарт Ибраими, напаѓачот на Струга ТЛ досега во својата кариера има освојувано титули со Ренова и Шкендија.
Тој за “Спортмедиа“ коментира какви се шансите неговиот тим да остане до крајот на првенството на таа прва позиција.
“Имаме шанси, тука нема дилеми. Но јасно е дека Шкупи и Шкендија се квалитетни екипи. Според мене Струга ТЛ, Шкупи и Шкендија конкурираат за титулата, а само една ќе се радува. Се надевам дека тоа ќе бидеме ние. Прекрасно ќе биде во мојата кариера да се радувам на титула и со Струга ТЛ. Но, далеку сме од радост, треба да се одигра цела пролетна полусезона. Тешко ќе биде, но не и незвоможно“ вели “бомбардерот“.
Во Струга ТЛ во зимскиот преоден рок дојде Марјан Радески, со кого Бесарт играше заедно неколку години во Шкендија.
„Одличен потег на раководството на нашиот клуб. Многу добро ми се познати квалитетите на Радески со кого игравме заедно во Шкендија, освојувавме трофеи, игравме и во Европа. Секако дека со Радески нашиот тим е уште поквалитетен, како и со оние други нови имиња кои дојдоа кај нас зимава. Од друга страна и Шкупи и Шкендија се засилија, имаат квалитет за респект, затоа велам дека битката за тронот ќе биде тешка и напорна, неизвесна. Ние мораме да бидеме уште подобри од она што бевме во есенскиот дел ако сакаме на крајот да се радуваме. Не правиме планови, не се говори многу за титулата меѓу нас. Нашите амбиции се да бидеме сконцентрирани само на наредниот меч. Ако на крајот бидеме први тоа ќе биде нешто фантастично, но до мај има уште многу, многу да се игра“.
Во пресрет на стартот на пролетниот дел, Бесарт Ибраими ќе ја “брка“ и титулата прв стрелец во ПМФЛ, тоа ќе биде негова петта титула, се разбира ако на крајот ја добие битката со Дориев од Шкендија, и двајцата имаат по 9 голови.
„Ние напаѓачите уживаме да потигнуваме голови, тоа е нешто најубавото во фудбалот, затоа и се игра фудбал, за голови. Но сите знаат, а посебно во Струга ТЛ, дека мене приоритет ми се упесите на тимот, победите, нека дава кој сака голови, најважно е Струга ТЛ победува. Моите лични рекорди сега се во втор план. Да кажам дека во недела му гостуваме на Тиквеш во Кавадарци. Максимален респект имаме кон тимот кој есенскиот дел го заврши како четврти. Треба да одиграме најдобро што знаеме ако сакаме бодови од ова гостување“ заврши Ибраими.