Јончевски го гледа МЗТ во финале, Николиќ посакува повеќе навивачи за полуфинале!

115

МЗТ Скопје се пласира во полуфиналето во Купот на Македонија, кој денеска стартуваше, а на програмата се четвртфиналните пресметки. Актуелниот македонски првак го совлада Кожув со 80-68 и за противник во битката за финале ќе го има подобриот од мечот Работнички и ТФТ, кој е последен на програмата.

Предводникот на Кожув, Александар Јончевски, вели дека го гледа МЗТ Скопје во финале, бидејќи станува за тим со професионалци, кој игра мотивирано. За денешната игра нема големи замерки за своите кошаркари.

„Чесен пораз, ако зборуваме за квалитетот на двете екипи, противникот има АБА состав. Ќе бидеме среќни со плеј-оф во дома првенство. Задоволен од одреден дел од играта, имавме пропусти, мора да ги поправиме ако сакаме да бидеме подобри. Очекувам МЗТ Скопје да се пласира во финале, тие се големи професионалци, играат мотивирано, подготвени се. Лани го испуштија Купот, не верувам дека тоа ќе го сторат сега“, изјави Александар Јончевски.

Драган Николиќ пак му посака на Јончевски среќа во претквалификациите за ЕП, и потенцира дека за следниот меч сака на трибините да види поголем број на навивачи.

„Задоволен сум од играта, ја сочувавме силата за утрешниот меч кој ќе биде спектал без разлика на тоа каков противник ќе налетаме. Честитики до Кожув, му посакувам среќа на Јончевски во квалификациите. Денеска ми фалеше, она што е најголема сигурност, а тоа се навивачите, очекував да дојдат во поголем број“, рече Николиќ. 

ПретходноМечевите од ПМФЛ и ВМФЛ ќе почнат со едноминутно молчење, во знак на настраданите во Турција и Сирија
СледноРакометарите на ППД Загреб заглавија на аеродром, мечот со Порто е одложен!