Феникс е вториот патник во финалето на Купот на Македонија „Благоја Георгиевски – Буштур“, откако славеше против Пелистер со 86-79. На овој начин избраниците на Денис Дервишевиќ испишаа клупска историја, за првпат ќе играа во едно финале, а таму ќе ги чека МЗТ Скопје. Вечерва, Феникс испрати порака дека фаворити не постојат, особено на вакви натпреварувања.
Трајковски и Хот беа лидери со по 18 поени, двајцата имаа дабл-дабл, првиот со 13 скока, вториот со 10 скока. И Митревски имаше дабл-дабл од 16 поени и 10 асистенции. Хаџифејзовиќ имаше 25 поени кај Пелистер.
Иако се чинеше дека ова ќе биде лесен меч за Пелистер, сепак наиде на силен отпор од страна Феникс. Битолчани беа добри во воведот, поведоа со 0-5, но брзо следеше одговор од противникот, кој на крајот на првата четвртина со серија од 11-1 имаше водство од 26-17. Избраниците на Денис Дервишевиќ не застанаа, со нова серија дојдоа на плус 16 (37-21) во 15. минута.
Марјан Илиевски успеа да ги разбуди своите играчи, Стајиќ со две тројки, па потоа Карпентер брзо ја надокнадија негативата. На одморот резултатот беше 47-44, најава за нови неизвесни 20. минути.
Така и беше. Ниту по 30. минута ништо не беше решено околу крајниот победник од оваа пресметка. На стартот на последните десет минути видовме серија на тројки на двете страни, а Феникс имаше минимална предност од три поени, 72-69 беше во 34 минута, а потоа 79-74 и 81-76 на две минути до крајот. Димчевски постигна важна тројка за 84-78, на другата страна Пелистер не реализираше на 45 секунди до крајот. По две промашувања на двете страни, Трајковски заработи техничка грешка, но тоа не промени ништо.
Наместо мирна завршница, дојде до прекин откако од публиката беа дофрлени лоши зборови кон Илиевски.