Бранителот на Куп трофејот елиминиран: МЗТ Скопје го демолираше ТФТ за финале (ФОТО)

188

МЗТ Скопје се пласираше во финалето на Купот на Македонија „Благоја Георгиевски – Буштур“ и тоа на сметка на тимот кој лани токму на неговата сметка го подигна пехарот. ТФТ беше немоќен вечерва, под секое ниво, на другата страна кошаркарите на актуелниот македонски првак беа полни со самодоверба, одиграа тимски, на крајот тоа им донесе убедлива победа од 102-61.

Дамјан Стојановски со 18 поени беше прв стрелец, зад него беше Робев со 16, Војдан имаше 13 поени. На другата страна Бишоп имаше 15.

Во финалето МЗТ Скопје ќе игра со подобриот од дуелот меѓу Пелистер и Феникс.

Одбраната беше добро поставена, Николиќ и неговите момци не оставија ништо на случајност, ниту пак дозволија драматично финале – потврдија зошто го имаат најдобриот состав во македонскиот шампионат. Колку беше добра дефанзивата говори фактот дека најдобриот кошаркар на ТФТ, Костоски не успеа да се запише во листата на стрелци.

На оваа средба МЗТ Скопје постигна 18 тројки од 30 обиди, додека пак ТФТ имаше 21 загубена топка.

Моќно прво полувреме на актуелниот македонски првак, по истото беше решено ова полуфинале. ТФТ имаше водство само на почетокот 8-9, момент од кој тимот од Аеродром со серија од 8-0 поведе со 16-9, на крајот на првата четвртина беше 28-18. Но, ниту по едно вакво двоцифрено водство никој не очекуваше дека избраниците на Драган Николиќ лесно го ќе урнат отпорот на противникот. Набрзина со шест поени во низа поведоа со 31-18, а на крајот на овој период водството беше 53-31.

МЗТ Скопје третата четвртина ја отвори со серија од 11-4, шест од нив беа две тројки на Дамјан Стојановски, па во 24 минута беше плус 31 (66-35), па плус 34 (72-38). Тука беше јасно дека оваа средба ќе заврши во еден правец.

Шанса добија и останатите кошаркари од клупата, дел ја искористија одлично.

Претходно21-годишна Американка за 9 бода ќе го урнеше светскиот рекорд во петобој
СледноСавевски без две важни ракометарки за ЕХФ неделата во март