Расел Вестбрук минатата недела беше трејдуван од ЛА Лејкерс во Јута Џез, со кого најверојатно ќе го раскине договорот и ќе стане слободен играч. Поранешниот МВП на НБА, деветкратниот Ол-стар и играч кој дури четири пати во една сезона имал просек од трипл-дабл, мора да одлучи каде ќе ја продолжи кариерата пред 1 март, кога истекува рокот за пријавување на играчите за плеј-офот.
Интерес за рекордерот во трипл-дабл пројавија четири клуба, кои со дозвола на „џезерите“ веќе почнаа преговори со него. Заинтересирани клубови се Чикаго Булс, Мајами Хит, ЛА Клиперс и Вашингтон Визардс, за кои играше една година пред да им се приклучи на Лејкерс.
Од сите тие клубови, само Клиперси се јасен кандидат за шампионската титула, додека останатите се во борба за плеј-оф или плеј-ин. Клиперси немаат вистински плејмејкер, а нивната ѕвезда Пол Џорџ веќе почна да лобира да го доведе својот поранешен соиграч од Оклахома Сити.
Вестбрук во следните денови ќе одлучи во кој тим најдобро би се вклопил, но ја остава отворена можноста остатокот од сезоната да го игра со Јута Џез.