Талентираниот бразилски фудбалер Андреј Сантос нема да може да игра за Челзи оваа сезона затоа што Премиер лигата одби да му издаде работна виза. 18-годишниот фудбалер за кого „сините“ платија 18 милиони фунти, имаше прекрасен настап за Бразил за време на шампионатот на Јужна Америка до 20 години, каде беше капитен на тимот и даде шест гола, од кои еден во финалето. Неговото учество на турнирот не било земено во предвид во апликацијата за работна виза.
Според „Дејли меил“ од Челзи побарале виза за Сантос опишувајќи го исклучителен талент, но од најсилната англиска лига одбиле, односно не се согласиле со аргументот дека Сантос е незаменлив играч за тимот на Грем Потер оваа сезона. Причината за тоа е што на таа позиција Челзи ги ангажираше Енцо Фернандес и Денис Закарија (кој игра под наем) па не веруваат дека Сантос ќе биде првотимец покрај нив двајца.
Па така Сантос за да ја одржува формата ќе биде испратен под наем во Бразил и тоа во некои од локалните клубови. Според „Дејли меил“ најверојатно ќе игра за Палмеирас што ќе му овозможи покрај тоа што ќе игра во бразилското првенство ќе настапува и во Копа Либертадорес. Тоа ќе му даде дополнителни три поени во апликацијата за работна виза за наредната сезона.