Денеска е завршницата на 30. јубилејно издание на Купот на Македонија кој го носи името по легендата „Благоја Георгиевски – Буштур“. Изминатите два дена апетитите на кошаркарските гурмани дефинитивно беа задоволени, малку беа мечевите кои беа лесно решени.
Патот до финалето успешно го минаа МЗТ Скопје и Феникс, вечерва (19:30 часот) во СРЦ „Кале“ ќе го дадат името на новиот освојувач на трофејот. И двата тима имаат шанса да испишат историја.
Доколку МЗТ Скопје победи во финалето ќе го подигне 11. трофеј во историјата на ова натпреварување и ќе стане најтрофеен. Тимот од Аердром десет пати излегол како победник, исто како и Работнички, па вечерва ќе има шанса да го надмине вечниот ривал, кој беше елиминиран уште во осминафиналето од ТФТ.
Избраниците на Драган Николиќ уште пред стартот испратија порака дека никого нема да потценат, така и влегоа во првите две средби, ги победија Кожув и ТФТ, недозволувајќи во ниту една секунда да се опуштат. Овој пристпат дефинитивно ќе треба да го задржат, бидејќи Феникс покажа дека не треба да биде отпишан, фавортите му се омилени, а мотивите големи на ваквите средби.
Кога сме кај Феникс. Денис Дервишевиќ и неговите момци вчера испишаа бајка во СРЦ „Кале“, го победија Пелистер, сосема заслужено, бидејќи во еден дел од мечот разликата беше двоцифрена. Исто и Феникс може да испише нова историја, по пласманот во финалето, своите клупски страници да ги дополни со првиот трофеј во овие натпреварувања.
Вечерва покрај мотивот, ќе биде клучна и физичката и психичката подготвеност, бидејќи Куп маратонот не е лесно да се издржи. Финалето е најтешко за играње без одмор.