И да можевме да бираме секако дека не можевме подобро да одбереме за стартот на пролетната полусезона во ПМФЛ за ова 19.коло. Мега – дерби меѓу Шкупи и Шкендија кое денеска се игра од 14 часот. Две од трите наши најдобри екипи. Поради казната на чаирчани овој меч се игра во Кичево и тоа пред празни трибини.
Меч кој тетовци не смеат да го загубат, никако. Ако се случи тоа тогаш уште денеска може да се простат од било каков сон за титулата.
Интересно, на последните седум меча во ПМФЛ кога играле меѓусебе овие две екипи, немало победник, само ремија. Последен пат Шкендија славела на 01.12.2019 со 4:0, а Шкупи не знае за победа од септември 2019 година.
Ова ќе биде нивни 29 меѓусебен меч. Досега Шкендија победила на 14 меча, Шкупи има само три триумфи, додека 11 средби завршиле без победник.
Есенскиот првак, лидерот на табелата, тимот на Струга ТЛ гостува во Кавадарци каде ќе има тешка задача со одличниот Тиквеш. Сите овие горе споменати екипи се од првото до четвртото место на табелата. Струга ТЛ, Шкупи, Шкендија,Тиквеш. Затоа предизвикуваат најголемо внимание.
На останатите мечеви денеска, во рамките на 19.коло или прво пролетно, исто од 14 часот, се среќаваат Македонија ЃП – А. Пандев, Брегалница – Скопје и Победа – Работнички.
Силекс е слободен.
ДВОЈКИ ЗА 19.КОЛО – ДЕНЕСКА (14 Ч)
Штип: Брегалница – Скопје
Прилеп: Победа – Работнички
Кичево: Шкупи – Шкендија
Скопје: Македонија ЃП – А. Пандев
Кавадарци: Тиквеш – Струга ТЛ
Силекс (слободен)
ТАБЕЛА: Струга ТЛ 37, Шкупи 34, Шкендија 28, Тиквеш 26, Силекс 26, Брегалница 21, Македонија ЃП 20, Работнички 18, Победа 13, А.Пандев 12, Скопје 11 бодови…