Пелистер едвај го победи Алкалоид, Битола се израдува како да паднала Барса!

1951

Пелистер дојде до планираните бодови против Алкалоид, кој одлично се држеше против европски состав на Пелистер. На крајот победи искуството, домаќинот славеше со 27-25 (13-12) во рамките на второто коло во плеј-офот. Стратегот на битолчани не поштеди никој на оваа средба, едноставно мораше да ги троши силите до самиот крај, иако имаше пред себе еден млад склоп на играчи.

Каспер и Танкоски со по пет гола беа први стрелци кај домаќинот, на другата страна исто толку гола имаа Илиески и Танкоски.

Избраниците на Кирил Лазаров станаа хит оваа сезона, иако станува збор за млади ракометари, сепак како гости секогаш ги полнат салите, а има и зошто. На македонскиот вицепрвак му требаше многу време за да поведе на оваа средба.

Алкалоид отвори со серија од 1-3, па водеше 3-6, при последните плус два (8-10) во серија на грешки и промашени седмерци му дозволи на противникот да се врати во игра. Првото водство на оваа средба, битолчани го запишаа во 24 минута, со серија од 4-0 поведоа со 12-10, на одморот беше 13-12.

Ракометарите на Пелистер со серија од 3-1 поведе со највисоки 16-13. Гостите беа на два гола негатива, имаа шанса да доближат и на еден, но не ги казнуваа грешките на противникот. Тоа се случи во 50 минута при 21-19, па примија два гола во низа за највисока негатива од 24-19.

И покрај ова не се предадоа младите ракометари, со три гола во низа дојдоа на 24-22 и го принудија Валтер да повика тајм-аут плашејќи се дека можат да останат без победа. А имаше и зошто да стравува, Алкалоид успеа во последната минута да намали на 25-24, па на 26-25 во последните 20 секунди. Сепак не остана време за нешто повеќе.

Овие бодови може да ги радуваат во Пелистер, но треба да се запрашаат што ќе се случи кога пред себе ќе имаат еден силен тим како Вардар или дали во Европската лига ќе можат да дојдат до победа, ако се мачат против еден дебитант како денеска.

ПретходноПродажба на Јунајтед: Двете понуди се исти – 5 милијарди фунти, а браќата Глејзер бараат 6 милијарди!
СледноГолден Арт и Матлиески спогодбено се разделија!