По двомесечна пауза, денеска стартува пролетниот дел од сезоната 2022/23 во ПМФЛ. Полусезона во која ќе дознаеме дали и Струга, покрај Скопје, Тетово, Кратово и Прилеп, ќе биде шампионски град. Дали Струга ТЛ ќе биде деветтиот клуб кој дошол до титулата во самостојна Македонија.
Струга ТЛ имаше фантастична есен, од првото па се до последното есенско коло беше прва, играше добро, четата на стратегот Срѓан Захариевски покажа и докажа дека може до својот прв историски трофеј. Но, да не заборавиме дека во ПМФЛ напролет секогаш потешко се освојуваат бодовите.
Шкупи и Шкендија се единствените кои можат да го урнат сонот на Струга ТЛ, посебно актуелниот шампион, тимот од Чаир. Кога сме кај овие две екипи да кажеме дека која и да го освои пехарот, ако го освои, ќе се најде на второто местона вечната листа по бројот на титули.Засега Работнички, Шкупи и Шкендија имаат по четири, Вардар уште е недопирлив со 11.
Што можат Тиквеш и Силекс, кои пролетва ја стартуваат со само два бода минус во однос на Шкендија? Посебно опасни ќе бидат кратовци зошто имаат навистина одличен тим со сите оние засилувања кои ги ангажираа зимава. Со право Тиквеш и Силекс се надеваат на пласман во Европа, ама…
На Брегалница, Македонија ЃП и Работнички се чини дека главен приоритет ќе им биде да избегаат што побргу од опасноста да се најдат во опасната зона.
А таму се Победа, А.Пандев и Скопје. Ако се знае што се случуваше во сите три клуба оваа зима, тогаш очекувано е „пандевци“ да се изборат за директен опстанок, Победа да биде таа која директно ќе испадне а Скопје да игра бараж за опстанок.
Е, сега дали овие очекувања ќе се исполнат останува да се види. Имено единаесеттиот на табелата директно испаѓа,десеттиот игра бараж а деветиот се спасува.
Време е за фудбал, за оној наш, македонски. Време е за пролетно фудбалско “лудило“.
А кога сме кај титулите еве ја табелата на нашите најуспешни клубови во изминататите сезони во самостојна Македонија:
ТАБЕЛА – ТИТУЛИ
11-ВАРДАР
4-РАБОТНИЧКИ, ШКУПИ, ШКЕНДИЈА
3-СИЛЕКС
2-ПОБЕДА
1-МАКЕДОНИЈА ЃП, РЕНОВА