Коментар на 19.коло: Шкупи ја откажа Шкендија од битката за титулата, лидерот со бод, разгоропадени “пандевци“ и Работнички!

527

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Ете, дочекавме, по цели 2,5 месеци пауза конечно мак – фудбал, конечно натпревари во ПМФЛ. И веднаш мега – дерби, иако без публика, иако во Кичево, сепак кога играат Шкупи и Шкендија во директен дуел, тоа е фудбалски празник.

Ова беше меч кој за Шкендија беше многу поважен. Имено со пораз тетовци веќе јасно е дека нема што да бараат во битката за титулата. Така и беше. Шкупи заслужено победи, според шансите требаше да биде 6:3, но победи со 2:0. Сосема заслужено зошто шампионот одигра навистина квалитетно за овој дел од сезоната. Шкендија не дека тотално разочара, но за една таква екипа, таков клуб, се очекуваше повеќе од тетовци кои сега имаат -9 бодови од Шкупи и -10 од Струга ТЛ. Математички не, но фактички да, Шкендија уште на стартот се “предаде“ во битката за тронот.

Отсега па натаму ќе имаме трка со двајца тркачи. А тоа се Струга ТЛ и Шкупи.

Стружани во Кавадарци кај Тиквеш освоија бод, и тоа со мајсторискиот гол на Кочоски. Токму тој гол за 1:1 ги остави нив на врвот на табелата. Но има уште многу да се игра, допрва ќе се “загрева“ битката, а и Шкупи кога тогаш ќе го фати криза. Па не може само да победува, иако реално чаирчани имаат најдобар тим по имиња во ПМФЛ.

А.Пандев и Работнички уште на стартот покажаа сила, покажаа дека пролетва и двата тима ќе имаат многу поголеми амбиции отколку да се борат да ја избегнат опасната зона. Посебно Работнички има тим, има и желба, да се најде и пред Брегалница, да биде што поблиску со Силекс и Тиквеш.

Скопје изненадувачки дојде до бод под Исарот. Пред мечот Брегалница беше апсолутен фаворит, но “пиратите“ одиграа како што треба и дојдоа до тие 0:0. Голем бод за составот на Тупан Георгиевски.

Победа покажа и докажа дека ќе ја чека пеколна пролет. Објективно и реално едноставно овој тим нема што да бара против Скопје во битката за избегнување на местото кое води директно во Втората лига.

ПретходноНема крај на ужасните вести од Турција: Пронајден мртов и спортскиот директор на Хатајспор!
СледноЛауреус ги објави номинациите: Меси, Мбапе, Дуплантис, Ферстапен, Кари, Надал, но го нема Ѓоковиќ! (ВИДЕО)