Денешната закажана седница на натпреварувачката комисија при ФФМ е одложена поради најавите за поставена бомба во просториите на федерацијата. Утринава во ФФМ се доби таква дојава, нормално, се постапи според прописите, целата зграда беше испразнета, а нормално како што е тоа случај стотици пати периодов, бомба не е пронајдена.
Сепак, работниот ден во ФФМ е речиси онеспособен, па и работата на натпреварувачката комисија која што денеска требаше да заседава. И тоа по многу важно прашање околу случајот на настапот на Гордијан Христовски за тимот на Гостивар и неговата спорна регистрација за трет клуб. Јавноста го објави случајот, ФФМ, односно комисијата треба да заседава и да одлучи дали и колку ФК ГОстивар ќе биде казнет за оваа катастрофална грешка. Се најавува службена регистрација на мечот против Пехчево кој инаку е добиен со 1:0, како и одзимање на бодови од контото на Гостивар. Спортмедија дознава дека засега, единствено Вардар има поднесено жалба од таканаречена трета страна околу случајот.
Сега, накнадно се чека нов датум за одржување на натпреварувачката комисија, и одлуката која што во голема мера може да влијае врз расплетот на ВМФЛ шампионатот сезонава, со оглед на фактот што тимот на Гостивар е лидер, и еден од главните кандидати за пласман во ПМФЛ.