Кошаркарите поразени од Словачка, последна шанса е Норвешка!

559

Македонската кошаркарска репрезентација не само што го запиша првиот пораз во претквалификациите за ЕП 2025 година, туку и не ја искористи првата шанса за потврда на местото во следната фаза. Словачка на домашен терен им се реваншираше на „црвено-жолтите“ совладувајќи ги со 82-73. Втората меч топка, Македонија ќе ја има за три дена против Норвешка во Осло.

Шортс со 23 поени беше прв стрелец кај нас, Крстевски имаше 14 поени, на другата страна Крајчович имаше исто 23 поени, Бродзијански запиша 18.

Домаќинот поведе со 11-3 по две и пол минути игра. По првата тројка на Робев, од истата позиција реализираа Војдан и Крстевски. Македонија успеа да фати некој ритам, со серија од 2-6 дојде на 17-15. Ова беше период во кој домаќинот влезе во серија на промашувања. Останавме на овие поени, па на другата страна Словачка зголеми на 22-15, резултат по првата четвртина. Македонија од поле имаше реализација 30% или 3/10.

Јончевски мораше да прави ротација во составот, а тоа пак како да имаше влијание, па Словачка по вторпат на мечот поведе со плус 8 (27-19) во 12 минута. Но, како и претходно, кошаркарите се издигнаа, ги казнија грешките на противникот, во ритам влезе и Шортс. Со серија од 10-0 дојдоа го запишаа првото водство на мечот (27-29) во 15 минута. Не застанаа, дуелот доби поинаков тек, Ѓуроски погоди тројка за 29-34. Намерна лична грешка на Робев, плус тројка во истиот напад ја живна Словачка се врати на 41-34. На одморот беше 44-38.

По пет минути игра паднаа вкупно шест поени, четири ги постигнаа нашите кошаркари за 46-42. Словачка со двата поени на Бродзијански и тројката на Мајерчак поведе со 51-42, Јончевски повика тајм-аут. Не вроди плод, следеше нов налет на противникот, Крајчович Бахан и Маловец зголемија на 61-46. Македонија целосно се изгуби во овој период, не функционираше ништо во нападот, а за тоа говорат скромните осум поени наспроти 17-те примени.

Негативата веднаш се зголеми на 66-46 во 32 минута. Налетот го прекина Робев, но противникот дојде на плус 21 (69-48). Од овој момент, Македонија со серија од 1-8 намали на 71-58 на четири и пол минути до крајот. Поради протест нашата клупа заработи техничка грешка, па Словачка искористи четири поени за 75-58. Противникот влезе во серија на грешки, Македонија казни со 10-0 и спушти на 77-70 на 1:22 до крајот. Надежта дека можат да дојдат до пресврт ја скрати Бродзијански со тројка и две слободни за 82-70.Немаше доволно време за ништо повеќе.

Македонија за три дена игра против Норвешка на гости, ова е последен меч од претквалификациите за ЕП 2025.

ПретходноРамос: Селекторот нe смета на мене, па решив да се повлечам од шпанската репрезентација
СледноЛоврен нема повеќе да игра за Хрватска