Шпанските медиуми објавија дека Дани Алвеш е во тешка психичка состојба откако судот во Барселона го одби барањето на адвокатот на фудбалерот обвинет за силување да го ослободи неговиот клиент со кауција, поточно да се брани од слобода. Но, судењето ќе го дочека во притвор, каде што беше последниот месец. Оваа одлука судот ја донесе по рочиштето минатиот четврток, на кое Алвеш по петти пат го смени сведочењето.
Шпанците пишуваат дека ваквата одлука го погодила Алвеш, па тој два дена во затвор одбива да јаде и не разговара со никого, како и одбива да ја напушти ќелијата, во знак на протест. Тој тврди дека е невин, а неговиот адвокат вели дека има нови докази, кои потврдуваат дека жртвата на силување не била принудена да влезе во тоалет и дека таа доброволно се согласила да има секс со Алвеш.
Судот го прифати ставот на обвинителството дека Алвеш може да избега од Шпанија, ако ја чека одлуката на слобода. Не беа прифатени гаранциите на адвокатот на обвинетиот дека нема да побегне, ниту тоа што како гаранција понуди да го предаде пасошот, да се јавува секој ден во судот, да прифати забрана за приближување и комуникација со жртвата и да носи нараквица за следење.
Судот повеќе веруваше во аргументите на адвокатот на жртвата, кој на рочиштето со документација докажа дека Алвеш имал 15 фирми во Бразил, со кои можел на пример да извади лажни документи и да ја напушти Шпанија.