Јончевски: Имавме свои шанси, но лошо почнавме и потоа не успеавме да се вратиме

162

Македонската репрезентација вечерва го претрпе првиот претквалификациски пораз. Селекторот Александар Јончевски по поразот во Словачка, ги сподели своите размислувања за мечот.

„На крајот на натпреварот, некако се се сведе на оној момент, кога при негатива од седум не успеавме да ја намалиме на потребните четири. Секако, многу порано го испуштивме чекорот со кој требаше да одиме кон успех, многу порано, на крајот на втора и цела трета четвртина“– вели селекторот по првата загуба во претквалификациите.

Јончевски смета дека не го отворивме мечот во Левице како што треба, но и покрај тоа, дојдовме до предност во средишниот дел на првото полувреме.

„Факт е дека лошо го отворивме натпреварот, но и тоа дека некако се вративме во игра, и да поведеме. Меѓутоа од една непромислена, намерна лична грешка, во еден посед примивме дури шест поени, доволно Словачка да го врати водството. Во третата четвртина, не игравме така лошо, креиравме и имавме пет-шест отворени шутеви, но не ги искористивме, а Словачка нè казни преку расположениот Крајчовиќ, потоа и Бродзијански. Во последната четвртина, пробавме да смениме нешто во одбраната, да играме со ‘преземање’, и успеавме таа негатива да ја намалиме на едноцифрена. Но неколку одлуки, очигледни прекршоци, влијаеа на нашата концентрација. Со неуедначен критериум при досудување на личните грешки, во кој на наши реакции добивме две технички грешки, на клупа и на тренер, Словаците повторно ја преземаа контролата и успеаја да го одбранат тој наш последен обид да стигнеме. Останува да анализираме, онака, што се вели со ладни глави, и да одиме понатаму, кон Осло. Се заедно гледано, овде во Левице, имавме свои шанси кои не успеавме да ги реализираме“– дополни Јончевски.

ПретходноДинамо завери билет за Топ 16, Митревски и Порто не го издржаа „пеколот“ во Веспрем!
СледноЛЕ: Ди Марија со хет-трик го однесе Јуве во осминафинале (ВИДЕО)