Реномираниот француски весник „Ле Паризиен“ вчера објави информација за наместени натпревари во косовската Суперлига од кои биле заработени околу 360.000 евра. Според специјализираната меѓународна истражна институција Нанси, два косовски клуба се обвинети за местење натпревари во полза на обложувачката мафија. Станува збор за клубовите Лапи и Подујева.
Французите тврдат дека наместените натпревари се потврдени врз основа на анализата на коефициентите во обложувалниците, поткрепени и со видео снимки од некои натпревари. Во местењето биле вклучени луѓе од Косово и од Франција, а наместени се четири натпревари од кои основната сума на заработка од обложувалниците е околу 360.000 евра. Не е познато какви суми се исплатени за да се наместат натпреварите.
Девет лица се уапсени во акцијата на полицијата. Четворица од нив се обвинети за организирана измама.
Според косовски извори, многу натпревари во косовскиот фудбал, особено во завршната фаза од првенствата, се сомничат дека се наместени. Новинарите велат дека некои од постигнатите голови се речиси смешни.