Бабунски ја освојува Унгарија: Сега на ред е да му дадам гол и на Ференцварош!

459

Македонскиот фудбалски репрезентативец Дориан Бабунски блеска во дресот на унгарски Дебрецин. Тој во пролетната полусезона постигна пет гола во четири првенствени натпревари и стигна до бројката од 9 гола оваа сезона во унгарската елита.

Годинава е исклучително ефикасен пред противничкиот гол, седум од неговите дванаесет удари завршија во рамката на противничкиот гол, а петпати беше успешен.

„Секој играч различно се справува кога ќе дојде во нова средина, нова фудбалска култура. Од првиот момент сакав да дадам се од себе, но ми требаше малку време да се приспособам на новиот тим, бидејќи дојдов од Бугарија, а стилот на првенството таму е различен од унгарскиот. Во текот на зимата работевме многу напорно на подготовките, особено во тренинг кампот во Турција. Се чувствувам во одлична форма, полн сум со енергија и имам се да се фокусирам само на фудбалот. Потпишав за Дебрецин по одличната сезона во Бугарија, но мислам дека сега сум во уште подобра форма отколку што бев есента 2021 година“, изјави за унгарските весници нашиот репрезентативец.

Тој напомена дека на големото дерби кое викендов следува со Ференцварош сака повторно да биде стрелец за својот тим.

„Ференцварош е еден од ретките врвни унгарски тимови против кои се уште немам постигнато гол. Така што мојата цел е да бидам ефикасен во недела, но уште поважно е да постигнеме добар резултат. Нè очекува исклучително тешка битка, но ние сме во добра серија“, заврши Дориан, кој во март ќе го гледаме и во дресот на нашата репрезентација во циклусот квалификации за ЕП 2024.

ПретходноВеспрем останува без Французинот: Мае се враќа во Германија?
СледноВО САБОТА ЌЕ СЕ ЗНААТ ДОБИТНИЦИТЕ ОД НАГРАДНАТА ИГРА „ЗАВРТИ И ПОБЕДИ“ на 2win.mk