На почетокот на февруари северот на Сирија и југоисточниот дел на Турција беа погодени од страшни земјотреси. Десетици илјади животи згаснаа, уште повеќе беа повредени, а сега легендарниот Лукас Подолски барем за кратко ја врати насмевката на лицата на жртвите.
По трагедијата што ги снајде двете споменати земји, речиси цел свет се обедини да помогне, а има и многу познати личности кои даваат свој придонес. Меѓу нив е и германскиот фудбалер Лукас Подолски, кој реши да им помогне на настраданите со 100 илјади евра и 500 контејнери за домување.
„Бев во тотален шок кога ја слушнав трагичната вест од Турција. Отсекогаш се чувствував како дома во оваа земја, поради што бев толку погоден од оваа катастрофа што ми откорна дел од мене. Во овие тешки моменти, моето срце е со вас. Неодамна имав можност да посетам регион кој неодамна беше погоден од земјотреси. Ме шармираше со својата убавина. Многу ми е жал за луѓето кои настрадаа, кои ги загубија домовите и најблиските. Знам дека тоа ќе биде долг процес. Сакам да донирам два милиони турски лири на луѓето кои сега немаат куќи и се обидуваат да изградат нов живот, за да помогнат во подготовката на контејнерските куќи. Се надевам дека што поскоро ќе ја достигнеме целта од 500 контејнери. Секогаш ќе бидам подготвен да дадам се од себе за турскиот народ. Сакам да знаете дека не сте сами, дека Полди ти е брат и секогаш ќе биде тука за тебе“, напиша Подолски на Инстаграм.
За Подолски Турција има посебно место во неговата душа. Германскиот напаѓач играше две години во Галатасарај и сезона и половина во Анталијаспор.