Стојан Ѓуроски, еден од најискусните во македонската кошаркарска репрезентација со две тројки влезе во пресметката против Норвешка, заедно со Ти-Џеј Шортс ја искреираа двоцифрената позитива. На крајот нашите момци ја исполнија целта – се пласираа во квалификациите за ЕП 2025 година.
„Го следевме натпреварот меѓу Данска и Словачка, знаевме дека таа многу ни значи, но исто така бевме подготвени да одиграме за себе и да победиме. Го следевме планот на селекторот кој беше многу сличен на оној од првиот меч во Гевгелија – да го запреме нивниот најдобар играч Фреј.
Успеавме во тоа, одигравме агресивен и цврст натпревар, примивме само 41 поен и мислам дека одбраната повторно беше клуч на нашиот успех со што го запечативме првото место кое го заслуживме. Во овој циклус игравме со силни репрезентации кои не се за потценување, сега ќе прославиме во очекување на следните ривали во квалификациите за Европското првенство“, изјави Стојан Ѓуроски.