Пелистер ги прави последните подготовки пред утрешната пресметка против Мотор на домашен терен во рамките на Европската лига. Ова е последен меч од групната фаза, а битолскиот состав ќе има одлична шанса, пред своите фанови да дојде до победа и да се најде во нокаут фазата.
Реми во најмала рака го носи Пелистер во следната рунда, а во таборот на актуелниот македонски првак се свесни дека судбината е во нивни раце.
„Многу е важно што сами одлучуваме за нашата судбина. В раце имаме можност да стигнеме и до трето место во групата, што сега е наша цел. Екипата на Мотор е искусна, добар микс на зрели и млади ракометари. На гостувањето кај нив одигравме еден од подобрите натпревари и сакаме тоа да го повториме пред нашата публика. Мотор е во форма, направи чекор напред и можеше тоа да се забележи и со победата над Бидасоа. Нам ни преостанува добро да се спремиме, да го прегледаме видео материјалот, да направиме тактичка припрема и да играме на победа. Од денес до следната сабота играме четири натпревари и многу е важно да имаме голем ростер и играчите кои почнуваат од клупа, да внесат свежина. Тоа за секоја екипа е многу важно“, изјави Урбан Лесјак.