Христијан Стевковски е херојот на тимот на Македонија ЃП, кој викендов извлече 0:0 на гостувањето кај лидерот Струга Трим Лум исклучиво поради неговата способност да одбрани удари од белата точка. Некогашниот македонски младински репрезенттивец на овој меч на два пати беше поуспешен од Бесарт Ибраими кој ни по два обиди од пенал не успеа да се запише во листата на стрелците.
Некогаш Стевковски на МЃП му носи титули во Купот со одбранети пенали, а еве сега слато вреден бод во обидот пролетва да се поправи резултатскиот впечаток.
„Многу тежок меч. Особено по црвениот картон. Потоа се смени целиот тек на мечот, сепак успеавме да се справиме со ситуацијата. Ова е голем бод за нас. Покажавме дека најсилни сме кога играме тимски, како еден, и овој момент сигурно ќе влијае и за во иднина, за следните дуели кои ги играме во шампионатот“ – вели Стевковски за Спортмедиа.
Неговиот очигледен квалитет кога станува збор за пеналите се повеќе доаѓа до израз, а самиот Стевковски кому денеска му е роденден сепак не ја открива тајната на неговиот успех во овој сегмент од играта.
„Што се однесува до пеналите секој талент, или дарба не би дошол до израз, ако не се работи напорно. И секојдневно не се тренира, не се повторуваат истите работи. Секако, тука спаѓа и сериозната анализа која што ја правиме пред секој меч и посебно за секој противник. Но главен акцент би ставил на самиот тренинг. Дали има некоја посебна тајна во истите? Па и доколку ја има не би ја открил, хаха…. вели Стевковски кому му го честитаме роденденот и му посакуваме многу среќа понатаму.