Ракометарите на Пелистер сами ќе одлучат дали европската сезона ќе заврши вечерва или пак ќе продолжат да бидат единствениот македонски претставник во Европската лига.
Вечерва (20:45 часот), избраниците на Ларс Валтер го пречекуваат Мотор во последното коло од групната фаза. Македонскиот вицепрвак има шест бода, еден повеќе од противникот, па и со реми ќе обезбеди место во нокаут фазата. Победа против Мотор и пораз на Бидасоа Ирун од Архус на домашен терен, ќе значи освојување на третото место во групата.
Салата „Боро Чурлевски“ ќе биде исполнета до последното место, па останува ракометарите да го одиграат најдобриот меч.
„Играме дома, пред нашите навивачи. Мора да влеземе внимателно и со целосна концентрација. Добро го анализиравме Мотор и знаеме кои се нивните силни страни, но и кои се нашите предности. Со силна одбрана и квалитетен напад, верувам дека можеме да го заслужиме своето место во осминафиналето.
Мотор е квалитетен тим со некои од најдобрите украински играчи и репрезентативци. Имаат искуство со играње во Лигата на шампионите и се подобруваат со секој натпревар, особено во вториот дел од сезоната. Комок, Денисов, Хориха и Турченко се нивните клучни играчи и ќе дадат се од себе да ни ја отежнат работата“, рече Пешевски пред мечот.