Пелистер не успеа да се пласира во нокаут фазата во Европската лига, откако на домашен терен Мотор беше совладан со 25-27 во последниот меч од групната фаза. Битолчани имаа шанса за реми, Радовиќ промаши чист зицер. На овој начин македонскиот вицепрвак ќе треба добро да размисли за овој меч, бидејќи беше под нивото.
Танкоски имаше одлична вечер, но за жал неговите девет гола од десет обиди не беа доволни, зад него беше Васиљев со четири погодоци. Кај гостите, Турченко имаше седум гола, Комок запиша 13 одбрани.
Гостите поведоа со 0-3, Васиљев во четвртата минута го постигна првиот гол за Пелистер, од контранапад Костески доближи на 2-3. Васиљев заедно со Костески го држеа во ритам својот тим. Првите пет гола беа нивно дело (5-6). Танкоски е ракометарот, кој се погрижи македонскиот вицепрвак да поведе, постигна два гола и изнуди пенал, Суси беше прецизен за 8-7 во 13 минута. Четири минути подоцна Костески стрелаше за највисоки плус два (10-8).
Сепак гостите не потклекнаа на жешката атмосфера. Битолчани влегоа во поентерска криза (шест минути без постигнат гол), а Мотор со серијата од 4-0, го врати водството, беше 11-13 во 26 минута. Валтер повика тајм-аут. Васиљев го скрши мразот, нешто подоцна Радовиќ ја врати неизвесноста, откако Лесјак одбрани седмерец (13-13). Касај и Близњук зголемија на 13-15 на одморот.
На стартот на вториот дел Мотор зголеми на 13-16, веќе во 34 минута, гостите имаа плус четири 14-18. Танкоски повторно беше ракометарот кој го разбуди својот тим, со негови три и два гола на Кисум, Пелистер направи серија од 5-1 и израмни на 19-19. Но ниту ова не беше доволно, Мотор со три гола во низа дојде на плус три 19-22 во 45 минута, згора на се, Суси промаши седмерец.
Одбрана на Лесјак, две грешки на Мотор, Пелистер „ќари“ два гола за 21-22. Гостите беа на два гола предност, на другата страна Танкоски беше едноставно незапирлив. Се чекаше кикс на противникот, но одбраната никако не успеаваше да го сопре Турченко. И конечно Танкоски на две минути до крајот со деветиот погодок намали на 25-26, Морот не реализираше и го стави Пелистер да се избори за реми. Радовиќ не погоди за изедначување. На другата страна противникот успеа да реализира за голема радост.