Францускиот весник „Л’Екип“ излезе со информација дека е покрената истрага против претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи за киднапирање и мачење. Тој е обвинет од страна на француско-алжирскиот лобист Таиб Бенабдерахман, кој изјави дека шест месеци трпел тортура во Катар во 2020 година затоа што имал документи кои можеле да го компромитираат Ал Келаифи. Тој тврди дека бил затворен и мачен, пред да биде ставен во куќен притвор во јануари 2020 година и излегол дури во ноември откако потпишал договор за доверливост, кој предвидувал неоткривање на „чувствителната“ природа на документите што ги поседува.
Се верува дека информациите кои ги имал Бенабдерахман биле поврзани со криминал при доделувањето на Светското првенство во Катар, како и доделувањето на ТВ правата за блискиот исток за Мундијалите во 2026 и 2030 година за БеИН корпорацијата чиј сопственик е и тој.