МЗТ Скопје одигра уште еден одличен натпревар во АБА-лигата, овој пат против ФМП на домашен терен. Актуелниот македонски првак на крајот успеа и да дојде до четвртата победа оваа сезона, откако славеше со 87-82 во меч од 20. коло АБА-лига. За избраниците на Драган Николиќ ова е уште еден голем чекор кон исполнување на главната цел – опстанок во јадранското натпреварување.
Кефи беше лидер со 26 поени, Вер имаше 13, десет постигна Бојан Крстевски. На другата страна Узунду имаше 18 поени.
Лош старт на кошаркарите на македонскиот тим, гостите лесно поведоа со 2-14 после четири и пол минути игра. Одбраната немаше решение за Узунду кој постигна 10 поени во овој дел. Сепак, МЗТ Скопје се издигна над „црните облаци“, не дозволи оваа средба да биде решена рано. Кук, Мицовиќ, Крстевски, Војдан…беа креатори на кам-бекот, првата четвртина заврши со 13-17.
Веќе во следниот период сликата се промени, со 12-6 по само четири минути игра, актуелниот македонски првак го запиша првото водство, Кефи постигна тројка за 25-23, беше и 33-30. На одморот резултатот заврши во полза на гостите 35-38.
Третата четвртина беше резултатска нишалка. Со првата тројка на мечот, Дамјан Стојановски го врати водството на својот тим на 42-41. Иако одбраната на момент беше под нивото, сепак МЗТ Скопје имаше распложени кошаркари, како Крстевски, Војдан, а на крајот на овој период и Кефи. Со тројка и два поени го однесе МЗТ Скопје на 65-56 пред стартот на решавачките десет минути.
Сликата од првата четвртина се претвори на стартот на последната. ФМП со серија од 7-0 брзо ја стопи предноста на „сино-белите“ на 65-63. Николиќ повика тајм-аут, Кефи од линијата за слободни фрлања одговори за 67-63. Гостите продолжија да притискаат, беа на негатива од два поени. Вер постигна важна тројка, веднаш после него Бурсаќ зголеми на 77-70 на средината на овој период. Во финишо поради пет лични грешки мечот заврши за Дамјан.
На три минути до крајот резултатот беше 81-73. Бурсаќ, кој беше на излезна врата, со втората тројка зголеми на 84-75, атмосферата се вжешти. Сепак МЗТ сам се стави во проблеми, прими четити коша, па противникот дојде на 84-79. Мечот влезе во непотребна брканица, која на голема среќа заврши во корист на МЗТ Скопје. На крајот Вер стави печат на мечот.