Иван Тричковски ги постигна сите три гола за екипата на АЕК Ларнака во победата од 3:1 над тимот на Паралимни во последното коло од првата фаза на кипарскиот шампионат. Нашиот ветеран покажа дека е алфа и омега во составот од Ларнака и со три погодока потсети дека му нема рамен во домашниот тим.
Првите два гола Тричко ги постигна во првото полувреме во 8. и 13. минута, па откако гостите намалија на 2:1, со погодок од пенал во 82. минута, нашиот интернационалец ја запечати победата за домашните, кои остануваат на чело на табелата во исчекување на останатите дуели од последното коло пред стартот на втората фаза.
Тричковски оваа сезона во домашното првенство на Кипар постигна 9 гола.