Денеска од 14 часот закажани се два меча од 21.коло во ПМФЛ. Шкупи, актуелниот шампион на Македонија има голема шанса за првпат оваа сезона да биде лидер на табелата, да го преземе врвот.Имено во ова коло Струга ТЛ е слободна, а чаирчани имаат само -2 бодови во однос на стружани, па денеска со триумф над Академија Пандев ќе бидат лидери. И како лидери ќе го дочекаат 8 март кога се игра 22.коло во кое тие гостуваат кај Струга ТЛ.
Секако дека за ова се прашува и тимот на А. Пандев која покажа дека овие “пандевци“ се сосема нешто друго во однос на есенскиот дел. Нема нималку лесно да биде за Шкупи. Ова ќе биде и дуел меѓу шефовите Седлоски и Васоски, кои некогаш беа први соработници во Вардар.
Во Велес се игра скопско дерби и тоа меѓу Работнички и Скопје. Две екипи од долниот дел на табелата. Некогашниот шампипон добро тргна оваа пролет, со тој триумф во Прилеп, но потоа дојде поразот од Брегалница минатиот викенд. Се бараат бодови за рехабилитација. На Скопје секој му е како злато што се вели, па така се очекува голема битка среде Велес на двете скопски екипи.