Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Ерик тен Хаг не се плаши од жешката атмосфера на „Енфилд“ пред најголемото англиско дерби во недела. Јунајтед е во добар ритам, а му гостува на лутиот ривал Ливерпул, а холандскиот тренер со нетрпение го чека дуелот.
Јунајтед го доби првиот двобој со Ливерпул на „Олд Трафорд“ со 2:1. Тоа беше и прва победа за Тен Хаг во Премиер лигата. Да потсетиме дека „Ѓаволите“ ја бркаат првата победа на „Енфилд“ по седум години.
„Сум бил на Енфилд и со нетрпение чекам повторно да одам таму. Знам дека атмосферата ќе биде одлична. Атмосферата ќе биде непријателска, но тоа ни се допаѓа. Секако, соочувањето со Ливерпул на овој стадион е тест, но ние со нетрпение го очекуваме. Знаеме дека ќе биде тешко и ќе страдаме, но моите играчи се подготвени.
Ливерпул има навистина добар тренер и добар начин на игра и добра стратегија. Така што мислам дека таа ера во која доминираа со Манчестер Сити не е завршена. Сепак, не разговараме за други клубови, можеме да зборуваме само за нас. Мислам дека одиме во добра насока. Ни претстои фантастичен противник.
Мислам дека имавме доста добри гостувања оваа сезона. Не ми е важно каде играме. Добиваме енергија од играње на секои три до четири дена. Сепак, не сакам да зборуваме за четири трофеја сезонава. Ова е за сонувачи и обожаватели. Зборуваме само за следниот натпревар“, вели Тен Хаг кој го прокоментира и здравствениот билтен во екипата.
“Има играчи кои се враќаат. Лук Шо не беше достапен за последниот натпревар. Очекуваме да се врати сега. Џејдон Санчо беше болен. Мораме да видиме како ќе се развиваат работите со него“, изјави Тен Хаг на својата денешна прес-конференција.