Вицешампионот Е. Пелистер ја оправда фаворитската улога и дојде до победа на домашен терен против екипата на Т. Пролет во последниот денешен меч од плеј-офот во Суперлигата. Битолчани во својата сала славеа со 32:26.
Првата победа по заминувањето на Ларс Валтер од клупата на битолскиот состав дојде со добра игра уште во првото полувреме, кога домашните направија предност од +5 (19:14). Во вториот дел Пролет се доближи на само два гола негатива и се закани дека може да ја врати неизвесноста во финишот, но сепак Е. Пелистер рутински го приврши мечот во своја полза со убедлива победа.
Костески со 7 и Велковски со 6 гола беа најефикасни кај домашните. Андоновски постигна 8 гола за Пролет.