Килијан Мбапе постигна гол за печат на победата на ПСЖ над Нант (4:2). Погоди во втората минута од судиското надополнување и со овој погодок стигна до својот 201. гол во дресот на „светците“, надминувајќи го Единсон Кавани.
По натпреварот францускиот фудбалер беше многу среќен.
“Знаев дека ќе го соборам рекордот. Играњето овде е привилегија, дојдов како млад човек и многу научив. Играњето за ПСЖ е посебно чувство за мене, особено што сум роден во Париз”, изјави Мбапе по натпреварот и продолжи:
“Отсекогаш сум нагласувал дека сакам да испишувам историја во Франција, во главниот град, во мојот град. Тоа е она што го правам. Прекрасно е чувството, но имаме уште многу да направиме. Ова е мое лично достигнување, но заслугата му припаѓа и на тимот“, истакна тој.
Пред Мбапе и тимот сега е реваншот од осминафиналето против Баерн. Баварците имаат предност од 1:0 од првиот натпревар, но Килијан е уверен дека неговиот тим ќе продолжи понатаму.
Феноменалниот Французин е подготвен да го води својот тим. Остави нешто и за гигантот од Минхен, а тоа се 202., 203. и 204. голови во дресот на ПСЖ.
“Да, можеби и повеќе. Ќе се обидеме. Одиме таму за да избориме пласман понатаму. Одлучни сме, имаме голема самодоверба која ни се врати и одиме на победа”, е јасната порака на Килијан Мбапе.