Македонската ракометна репрезентација се подготвува за двомечот со Португалија во рамките на квалификациите за пласман на Европското првенство 2024 година. И двете селекции на стартот запишаа две победи, овие средби ќе го дадат лидерот во нашата група.
Сепак нема да биде лесно. Избраниците на Кирил Лазаров пред себе имаат силен противник, кој одамна ја направи промената на генерација, а во чиј состав има доста искусни и квалитетни играчи. За разлика од нас, на овие два меча, ќе доминираат младите имиња, откако претходно Талески, Манасков, Пешевски и Георгиевски, откажаа.
Во една ваква ситуација, Филип Кузмановски и Никола Митревски, ќе бидат нашите најискусни имиња на теренот.
„Точно е дека заедно со Митревски сме од поискусните, но тука има играчи кои се со нас долго време, добро се познаваме. Сите знаеме која е нашата цел со Португалија, играме на домашен терен, имаме само четири дена да се подготвиме. Не треба да зборува за Португалците, имаат многу добар тим, како во напад, така во напад, многу време се заедно, многу добро се познаваат. Зад нив го имаат доброт настап на Светското првенство, со сите селекции беа егал до последните минути. Сигурен сум дека во Скопје ќе дојдат мотивирани, знаат што ги очекува“, ни изјави Филип Кузмановски, кој неодамна стана член на Вецлар.
Популарниот Фитиљ ги повика навивачите да дојдат на трибините. Добро е познато дека Македонија со поддршка на домашен терен, секогаш игра поинаку. Во СЦ „Борис Трајковски“ паднале врвни селекции.
„Нам ни е потребна максимална поддршка од трибините. Да се навратам на убавите моменти против Чешка, игравме пред полна сала, сите веруваа дека можеме да направиме нешто. Ние на овој начин растеме како тим. Секој од нас сака да ја израдува нацијата, ќе пружиме максимум како во нападот, така во одбраната. Уште еднаш ќе потенцирам дека навистина ни е потребна поддршка од трибините.
Играме со против големи селекции, со играчи кои играат во Топ-лигите во Европа, како во Бундес-лигата, така и во Лигата на шампиони, сите се носители. Сепак ние сме мала нација, мора да се поддржуваме. Одиме во нагорна линија, имаме цели до кои мора да се држиме, а успехот сам ќе дојде.
Имаме два натпревари со нив, да дадеме се од себе, се е можно. Кажавме дека со Португалија ќе се бориме за првото место во групата“.
Првиот меч со Португалија е закажан за 9. март (19 часот) во СЦ „Борис Трајковски“, билетите веќе се пуштени во продажба, додека три дена подоцна Македонија е гостин во Порто.
За сигурен пласманот на ЕП 2024 година во четири меча е потребна една победа.