Петров: Да одиграме машки, цврсто против Португалија!

218

Македонската ракометна репрезентација веќе трет ден се подготвува за двомечот со Португалија во квалификациите за пласман на Европското првенство следната година. Нашите момци стартуваа со две победи, беа подобри од Турција и Луксембург, па дуелот со Португалија ќе го даде името на лидерот во групата.

Составот сменет драстично, што поради повреди, што поради непознати причини, но тоа пак не ги демотивирано оние кои се тука за Македонија. Португалија е фаворит, кој исто како и останатите репрезентации има свои слаби страни. Најважно за овие две средби да се одигра цврсто и борбено.

„Знаеме дека Португалија напредуваше многу во последните години и играат многу квалитетен ракомет. Тие ќе бидат фаворити на овие два натпревари. Ние ќе мораме да ги искористиме најдобро што можеме нашите добри страни. Имаме време да се подготвиме, почнавме со тренинзи. Ќе ни недостасуваат повредените соиграчи, но без оглед на сѐ ние кои ќе бидеме на терен, ќе мора да го дадеме максимумот, да одиграме машки, цврст ракомет. Португалија е екипа и репрезентација со висок ранкинг, имаат и тие слаби страни. Не се сомневам дека селекторот и нашиот стручен тим ќе ги анализираат добро и ќе имаме добра тактика на тие натпревари. Првенствено, да го извадат најдоброто од нас на терен“, изјави Костадин Петров, кој се покажа во добро светло на Светското првенство во Полска.

Првата средба меѓу Македонија и Португалија се игра во Скопје на 9. овој месец во СЦ „Борис Трајковски“ (билетите веќе се пуштени во продажба“, реваншот е три дена подоцна во Порто.

ПретходноДобри вести за „росонерите“: Милан ќе напаѓа со Жиру и Дијаз на реваншот со Тотенхем
СледноПСЖ знаел за ранливоста на Нејмар, но не му дал да се оперира поради рекордниот трансфер