Костески: Треба да излеземе на терен без притисок, немаме што да загубиме, можеме само да добиеме!

204

Македонската ракометна репрезентација привршува со подготовките за квалификацискиот двомеч до Португалија за пласман на ЕП 2024.

Селекторот Кирил Лазаров овој пат на располагање ќе има поинаков состав од Светското првенство. Па сега младите имиња ќе имаат шанса да добијат поголема минутажа и тоа против еден силен противник.

Ненад Костески кој веќе прераснува во стандарден репрезентативец смета дека најважно ќе биде да се излезе на терен без притисок.

„Ова е нов собир, подмладени настапуваме против силна репрезентација како Португалија. Знаеме за каков противник се работи, да не трошиме многу зборови, одлична селекција добро покриена на сите позиции со играчи кои настапуваат во добри клубови во одлични лиги. Секако, и тие имаат слабости, наше е добро да ги изанализираме и потоа да ги искористиме тие слабости. Треба да излеземе на терен без притисок, немаме што да загубиме, можеме само да добиеме“, ни изјави Костески. 

Македонија широко гледа кон ЕП 2024, речиси е пласирана, запиша две победи на стартот, факт кој товарот го прави поинаков.

„Речиси сме пласирани на овој европски шампионат и тоа придонесува да нема дополнителен притисок. Верувам дека токму поради фактот дека ќе одиграме без таква резултатска пресија ќе бидеме уште подобри, без разлика што против нас имаме квалитетен противник, ќе прикажеме добра игра и зошто да не, да изненадиме и да стигнеме до победа“.

Македонија е домаќин на првата средба со Португалија, мечот се игра утре во 19 часот во СЦ Борис Трајковски.

ПретходноПознат е распоредот за третиот круг: Струга ТЛ го дочекува Шкупи во последното коло на свој терен!
СледноПобедничко селфи: Супер-деби на Дуро, Струга ТЛ сега има +4 пред Шкупи!