Лејкерс го повлекоа дресот со бр. 16 на легендарниот Пау Гасол (ВИДЕО)

209

Една од најголемите НБА франшизи, Лејкерс, синоќа на полувремето на мечот со Мемфис на посебна свеченост го повлекоа дресот со број 16 кој го носеше легендарниот Шпанец, Пау Гасол.

Гасол играше за Лејкерс од 2008 до 2014 година, а со тимот од Калифорнија двапати стана шампион во НБА (2009, 2010). Бројот 16 на Гасол се најде под сводот на Crypto.com арената до оние со броевите 8 и 24 на неговиот поранешен соиграч Коби Брајант.

На присутните со говор им се обрати самиот Гасол.

„Еднаш си дете кое игра кошарка на училиште со своите другари, а потоа, додека трепнеш, одеднаш го остваруваш твојот сон. Но, денешниот настан навистина ги надминува сите мои очекувања и соништа, ми значи многу“, рече Шпанецот.

Во придружба на Гасол на церемонијата беа неговите родители, браќата, сопругата и децата, заедно со сопственичката на Лејкерс, Џини Бас, генералниот менаџер на Лејкерс, Роб Пелинка и Ванеса Брајант, која го имаше своето прво појавување во Crypto.com арената по комеморацијата за нејзиниот покоен сопруг.

На натпреварот присуствуваше и поранешниот тренер на Лејкерс, Фил Џексон, кој работеше со Пау во тимот од Калифорнија. Гасол стана 12-тиот играч чиј дрес Лејкерси го повлекуваат од употреба.

ПретходноПМФЛ: Лидерот VS шампионот, супер – дерби покрај езеро, Јонуз на мегдан со “лавовите“, ќе биде “жешко“ под Шара и во Кратово
СледноВМФЛ: Гостивар ќе ја “проверува“ силата на Пелистер, Вардар пред лесни три, Беса ја дочекува Воска