Македонската ракометна репрезентација ситно брои до првиот од двата квалификациски дуели против Португалија за место на Европското првенство 2024 година.
Последен на овие мини-подготовки се приклучи искусниот голман, Никола Митревски, кој од вчера тренира со останатите репрезентативци. Португалија е добро позната за Митревски, тој е член на Порто, добро го знае квалитетот на противникот.
Токму Митревски заедно со Кузмановски ќе бидат најискусните имиња, откако претходно за дуелите со Португалија откажаа неколку искусни имиња поради лични и приватни причини, како и поради повреди. Кирил Лазаров нема да смета на Манасков, Талески, Георгиевски, Пешевски, Танкоски…
Првиот меч со Португалија се игра утре во СЦ „Борис Трајковски“ во 19 часот, реваншот е три дена подоцна во Порто.