Шеикот Јасим бин Хамад Ал Тани и најбогатиот Британец Сер Џим Редклиф се двајцата преостанати потенцијални купувачи на Манчестер Јунајтед.
И двајцата добија официјално известување од инвестициската банка Reign, која ја води потенцијалната продажба на клубот, дека ја поминале првата фаза на давање понуди.
Се очекува во наредните денови двајцата да се појават во канцелариите на „црвените ѓаволи“ за да почнат официјални преговори во живо за евентуалниот договор. Според медиумите на Островот, понудите на двајцата се во опсег од 4,5 милијарди фунти, што е далеку под 6 милијарди фунти, сума што ја бара семејството Глејзер.
Ал Тани е опишан како фаворит да стане нов сопственик на Јунајтед, бидејќи единствено тој се смета дека е подготвен да плати повеќе од 5 милијарди фунти за клубот од „Олд Трафорд“.