Португалија е селекцијата против кого македонската ракометна репрезентација ќе се соочи во рамките на ЕХФ-неделата, резервирана за квалификациите за ЕП 2024 година. Првиот меч се игра утре (19 часот) во СЦ „Борис Трајковски“, реваншот е два дена подоцна.
Квалитетот и силата, поточно португалскиот ракомет најдобро му е познат на Никола Митревски. Искусниот репрезентативен голман е член на Порто, па на другата страна на теренот ќе има соиграчи токму од овој тим. Еден од нив е левото крило, Леонел Фернандеш.
Тој испрати комплименти за Никола Митревски, добро знае за каков голман станува збор.
„Ова ќе биде интересна пресметка, одлично е да се игра против него. Никола е неверојатен голман“, рече Фернандеш, кој исто така не заборави да ја потенцира атмосферата која владее во Скопје кога игра македонската репрезентација:
„Македонија е тим со натпреварувачки карактер, знаеме дека ако не го одработиме својот дел со строгост и дисциплина, особено кога тие играат дома, нема да биде чудо ако се искомплицира се, па дури и да загубиме. Подготвени сме и ќе се обидеме максимално да се спротивставиме.
Навивачите во Македонија се интезивни и секогаш прават разлика. За нас, како гостински тим, тоа може да биде оружје поточно предност за Македонија, но ние веќе знаеме како да се справиме, знаеме како да ги контролираме емоциите за да не си наштетиме, а истовремено да не дозволиме тоа да биде предност за противникот“.