Коментар на 22.коло: Струга ТЛ дефинитивно покажа и докажа дека има сила да биде шампион!

426

Пишува: Зоран Ѓоршоски

Со нетрпение го чекавме мега – дербито во ПМФЛ меѓу Струга ТЛ и Шкупи. Не дека оваа пресметка ќе го дадеше одговорот кој ќе биде првак, туку поради фактот дека овој меч решаваше дали шампионот за првпат ќе ја симне Струга ТЛ од врвот сезонава и кој ќе “влезе“ во третиот круг како прв на табелата, а со тоа ќе го игра и оној последен меч, можеби решавачки меѓу Струга ТЛ и Шкупи, на свој терен.

И дојде тоа дерби. Струга Трим Лум предводена од искусниот стратег Шпетим Дуро, кој дебитираше на клупата, одигра одлично. Го неутрализира гостинот од Чаир, знаеше што сака и знаеше како да дојде до победа. И дојде со 2:1, сите голови паднаа до пенал и сите беа оправдано досудени.

Искрено, од Шкупи повеќе се очекуваше а Струга ТЛ и дефинитивно покажа и докажа дека има сила да биде шампион.

Сега има во пресрет на последниот круг, во кој секој тим ќе одигра по десет меча, +4 пред Шкупи и последниот меч ќе го игра на свој терен.

Значи сите карти се во рацете на Струга ТЛ.

И да не заборавиме. Бадијала беа оние жалопојки од претседател на чаирчани Ајдин Олгун. Пеналите, сите три, и оној за неговиот тим беа чисти како солза.

Брегалница славеше во Кратово, за некој тие 1:2 се сензација, но и не за оние кои знаат дека со Здравков на клупата ова е некој друга, нова Брегалница.

Шкендија по обичај, кога се игра во Тетово, убедливо го доби Работнички и можеби, можеби се врати во битката за титулата.

А.Пандев без никакви проблеми рутински славеше над Победа со убедливи 3:0, и освои нови три бода. Во повеќе наврати рековме дека прашање е на време кога “пандевци“ ќе побегнат од опасната зона, а еве бегаат и тоа како.

Скопје со новиот стратег Мирсад Јонуз освои дома бод со Македонија ЃП и тоа со гол во 90+3.минута, овој бода добро ќе им дојде на “пиратите“ за враќање на самодовербата.

Веќе претстојниот викенд се играат мечевите од 23.коло оли првото од третиот круг во сезоната 2022/23 во ПМФЛ.

ПретходноВо вторник ќе се одржи ждрепката за 1/2 финалето во Купот на Македонија!
СледноПОЛУВРЕМЕ: Храбра игра на младите момци против Португалија