Фудбалерите на Манчестер Ј. го прегазија Бетис со 4:1 во првиот осминафинален меч од Лигата на Европа и со една нога веќе се во четвртфиналната фаза. „Црвените ѓаволи“ вечерва на својот стадион покажаа дека брзо се опоравиле од шокот кој им се случи на гостувањето кај Ливерпул во неделата, па против шпанскиот состав успеаја во вториот дел од средбата да покажат дека остануваат еден од главните фаворити за освојување на трофејот во ова европско натпреварување.
Рашфорд отвори за 1:0 со гол во 6’, но гостите во 32’ со голот на Ајозе Перез се изборија за 1:1 на полувремето. Сепак, на стартот на вториот дел домашните ги зедоа конците во своите раци и до крајот на средбата тотално доминираа. Ентони со еден прекрасен погодок во 52’ ги доведе домашните до водство, кое потоа со головите на Бруно Фернандеш во 58’ и на Вегхорст во 82’ им донесоа на домашните високи 4:1.
Сигурна победа дома обезбеди Севиља на средбата со Фенербахче. Шпанците во вториот дел го скршија отпорот на Турците и со головите на Џордан и Ламела дојдоа до 2:0.
Јувентус се намачи против Фрајбург, но на крајот славеше со 1:0. единствениот гол беше дело на Ди Марија. Гостите постигнаа гол за израмнување, но беше поништен.
На мечот во Варшава каде Шахтјор го пречека Феенорд немаше победник. Украинците поведоа со голот на Ракитски во 78’, додека Феенорд се избори за реми преку Булауде на три минути пред крајот на средбата.