Македонската ракометна репрезентација вечерва (19 часот) во СЦ „Борис Трајковски“ го игра првиот од двата квалификациски меча против Португалија за пласман на Европското првенство 2024 година, предвидени во рамките на оваа ЕХФ-недела.
И двете репрезентации стартуваа со по две победи против Турција и Луксембург и веќе теоретски се пласирани на континенталното натпреварување. Пресметката меѓу Македонија и Португалија ќе го даде лидерот во групата 1.
За разлика од Мундијалот, составот на нашиот најдобар национален тим е променет. Лазаров на располагање ќе ги нема Дејан Манасков, Гоце Георгиевски, Филип Талески, Жарко Пешевски, како и Павле Атанасијевиќ, од новите кои беа повикани пак, во „црвено-жолтиот“ дрес нема да биде ниту Марио Танкоски.
Па во една ваква ситуација, товарот ќе падне на Филип Кузмановски, кој заедно со Никола Митревски, се единствените искусни играчи во нашиот состав. Дуелот со Португалија ќе биде одлична шанса за сите останати кои ќе се најдат на списокот за првата средба, па и за реваншот, пред важните битки во април против Турција и Луксембург за потврда на пласманот на ЕП 2024.
И покрај овој факт, ракометарите не ја губат вербата, реално гледаат на силите на теренот, но посакуваат да одиграат достојно пред својата публика, која пак секогаш е главниот играч на Македонија.
„Нам ни е потребна максимална поддршка од трибините. Да се навратам на убавите моменти против Чешка, игравме пред полна сала, сите веруваа дека можеме да направиме нешто. Ние на овој начин растеме како тим. Секој од нас сака да ја израдува нацијата, ќе пружиме максимум како во нападот, така во одбраната. Уште еднаш ќе потенцирам дека навистина ни е потребна поддршка од трибините“, испрати апел Филип Кузмановски пред неколку дена.
За Португалија не треба многу да се зборува, предводникот на нашиот национален тим потенцира дека треба да бидеме реално, особено кога станува збор за еден ваков квалитетен противник.
„Не очекува тежок меч, знаеме за каква репрезентација се работи. Тие веќе одамна ја направија нивната промена на генерации, веќе четири – пет години играат заедно. Имаат поисксуни играчи, кои играат во Нант, Мелсунген, во Порто кој учествува во Лигата на шампиони, во Спортинг и Бенфика.
На овој собир нашата репрезентација ќе биде драстично подмладена, го правиме тоа на што тежнееме, комплетна промена на генерации и треба да бидеме трпеливи, имаме квалитет и талент.
Да ние, се подготуваме за победа, но реалноста е друга, треба да бидеме трпеливи и реални, ние се подготвуваме да победиме, но ние за противник имаме квалитетна репрезентација која тоа го покажува на сите големи натпревари“, рече Лазаров.
Билетите одамна се пуштени во продажба. Реваншот е за три дена во Порто.