Томовски: Се соочуваме со промени, мора да веруваме, да покажеме повеќе жар и борба!

167

Мартин Томовски застана во второто полувреме на голот на македонската ракометна репрезентација против Португалија. Со своите одбрани ја врати неизвесноста на мечот, ги подигна соиграчите, а Македонија успеа и да поведе со 20-19. Сепак во решавачките десет минути, нашите момци паднаа, на другата страна искусната Португалија на крајот славеше со 23-29. За ракометарите ова беше прв пораз во квалификациите за ЕП 2024 година, но пласманот не е ставен под знак прашалник, истиот ќе биде заверен со еден триумф.

„Португалија не е ривал што се добива само со по десетина петнаесет добри минути во секое полувреме. Станува збор за многу квалитетна репрезентација и ја оправдаа фаворитската улога. Ние се соочуваме со одредени промени, тоа се одразува врз резултатите, но мораме да веруваме во она што го работиме. Она што мораме да го напреднеме, да прикажеме повеќе борба, повеќе жар во дуелите, одбраната мора од ден во ден, од натпревар во натпревар да биде се подобра. За нападот секогаш ќе се најде решение, но поправање на одбраната мора да биде наш приоритет во овој момент, за да се вратиме на посакуваните патеки“, изјави Томовски по натпреварот.

Македонија и Португалија повторно ќе се сретнат за три дена, поточно во недела.

ПретходноАко Бетис обезбеди место во ЛШ, Хоакин нема да оди во пензија
СледноРоналдо го загуби најважниот меч во С. Арабија и падна на второто место на табелата