Поразот од шест разлика (23-29) на првата квалификациска пресметка со Португалија не е реална слика од она што го видовме на теренот. Штета, што на оваа средба не бевме комплетни, Португалците беа печени за пораз. Генерацијата која треба да се кали допрва, не успеа да издржи до крај. Македонија на теренот имаше само двајца играчи кои настапуваат во силни лиги, што пак не е случај на другата страна.
Сепак вербата не ја губи никој, Марко Митев, потенцира дека се ќе дојде на свое место, потребно е време. Промена на генерацијата не може да мине без вакви денови.
„Мислам дека заморот не стигна во самиот финиш. Да не заборавиме дека ние до пет-шест минути до крајот бевме во егал меч со навистина квалитетен противник. Тие имаат ракометари кои настапуваат во многу подобри клубови од нас, а ние им париравме во голем дел од мечот. Да не се заборави, ние сме млада репрезентација и со тек на времето би требало се да дојде на свое место, да играме подобро и да победуваме на вакви натпревари.
На нас е добро да се подготвиме во овие два дена, да корегираме што може да се корегира. Ништо не е загубено, одиме во Португалија за да се обидеме да ја изненадиме Португалија и да се реваншираме за овој пораз“, изјави Митев, кој повторно се врати во составот на репрезентацијата.
Реваншот се игра во недела, во Порто во 18:30 часот.