Патот на МЗТ Скопје кон опстанокот во АБА-лига стана уште потежок, откако Студенски Центар беше поразен од Борац, еден од тимовите кои исто како и актуелниот македонски првак се обидува да исплива на Јадранот.
Пред избраниците на Драган Николиќ е нова тешка задача. Утре му гостуваат на Мега Баскет, клуб кој е на шестото место на табелата, а против кого МЗТ Скопје оствари една од четири победи оваа сезона.
Николиќ не крие дека атмосферата е на високо ниво, а главната цел е да се замине со целиот плен.
„Против нас ќе ја имаме најмладата и секако најталентираната екипа во АБА лига. Добро е познато колку сум голем љубител на системот Мега МИС, кој од година во година игра со млад тим, но и покрај тоа постигнува одлични резултати. Од оваа сезона на клупата е Марко Бараќ, кој ја продолжи одличната работа на неговите претходници, што верувам дека не само што ќе обезбеди опстанок на клубот и ќе биде дел од плеј-офот. МЗТ Скопје, пак, во Белград патува во одлично расположение, што се должи на добрата форма во моментов. Ќе дадеме се од себе да го поправиме впечатокот од претходните гостувања во овој град. Очекувам квалитетен и целосно неизвесен натпревар во кој две екипи ќе се борат до последниот атом енергија“, изјави Николиќ пред овој дуел.