Како судија може да биде играч на мечот!? Тоа го знаат Качевски и другарите!!!

5247

Судиска лакрдија во Прва лига, во Кратово и директно на МТВ! Силекс го победи Скопје со 3:1 во меч на кој фаворитот ги освои трите бода во битката за Европа, а гостинот останува да води грчевите битка за опстанок во елитата.

И се би било нормaлно ако на овој меч не бевме сведоци на ненормални работи, на аматерски грешки од судиите, на лакрдија, безобразлук и „газење“ на знакот на ФИФА од интернационалецот со име и презиме Јован Качевски.

Струшкиот арбитар и неговите кичевски помошници покажаа пред сите на стадионот во Кратово, но и на гледачите на МТВ, како не треба да се суди, или пак како треба да се суди за да се биде судија а играч на натпреварот.

Од грешки во грешки, поништен прв гол на Скопје за 1:1 од измислен офсајд кој беше пред очите на „слепиот“ арбитар Цветановски, но ништо подобар Дејановски во вториот дел кога крева офсајд при голот за 1:2 на Миле Тодоров. И на крај трета среќа и за Јован Качевски кој не свири класичен фаул на центарот за Скопје, овозможува контра за Силекс и 2:1 за домашните кои знаеја како да ги искористат „грешките“ на „европските“ судии од Македонија.

Од ФК Скопје жестоко реагираат, но сето тоа ден-два затоа што експертизата од експертите кои стојат зад овие грешки ќе ја убедат јавноста дека арбитражата била перфектна и дека целта е остварена и дека мисијата е исполнета.

За жал исти слики на нашите терени со години и години и сега е јасно зошто некои клубови, а и некои судиски експерти и функционери не сакаат ВАР во Македонија, една од ретките земји кои немаат ваква технологија во домашниот шампионат. Не им одговара тоа на “камерманите“ кои порано беа судии а сега функционери за да си ја тераат својата агенда.

Денеска не загуби Скопје, загуби по којзнае кој пат фудбалот во Македонија, ако преносот од Кратово денеска го гледаа 500 лица утре тоа ќе бидат 100, па 50 па ќе нема ниту преноси ниту можност да се види она што однапред се знае. А тоа е дека имаме  хаотично судење како што и самата лига е хаотична…

Јован Качевски можеби ќе научи англиски за да биде европски судија, но со ваквата арбитража дома, тешко дека ќе направи добра интернационална кариера.

ПретходноМихаилов: Тежок меч, значајна победа, а Скопје не заслужува да е онаму каде што е на табелата
СледноНаинголан: Можам да испијам 20 чаши алкохол и потоа да играм фудбал без проблем